![]() |
ЗАПОЗНАВАЊЕ СО ЧОВЕЧКОТО ТЕЛО
|
|
Вовед
Една од чудните особини што нашиот вид го прави поинаков од другите е нашата способност да се препознаеме во огледало. За научниците и филозофите,можноста да го сфатиме одразот во огледалото е знак за најважната особина што не разликува од другите животни: самосвеста. Само најинтелегентните животни, вклучувајќи ги шимпанзото и горилото, покажуваат знаци на оваа особена надареност. Освен тоа што не определува, самосвеста ги поттикнува нашите сили да ја сфатиме својата вистинска природа. Луѓето одамна се обидувале да ја одгатнат тајната на човечката природа и да утврдат што точно не прави толку особени.
Структура на човечкото тело
Човечкото тело има различни облици и големини. Меѓутоа, и покрај некои разлики меѓу половите, сите сме создадени според иста анатомска шема. Под кожата со било која боја ќе најдете исто меѓусебно совпаѓање на слоевите на мускулите на исти места. Навлезете подлабоко и ќе дојдете до коски кои се уште се непогрешно човечки: долгиот ‘рбет што не држи поисправени од другите животни; сложеното зглобување на коските на дланките и стапалата и черепот со својот плоскав преден дел. Внатрешните органи, како што се мозокот, срцето и цревата изгледаат исти кај сите луѓе и работат со ист внатрешен ритам.
Запознавање со човечката анатомија
Од првите денови на цивилизираното општество луѓето биле љубопитни да дознаат како работи нивното тело. Во текот на неколку илјади години сецирањето на човечките трупови, за да се види што се случува внатре, било строго ограничено од религијата и културата. Многу теории за човечкото тело главно биле засновани врз сецирање животни и многу претпоставки. Изненадува што тврдењата на некои научници од тоа време се точни. Така, во 500 год. п.н.е. грчкиот лекар Алкемон тврдел дека мозокот е седиште на мислите и емоциите. Од друга страна, некои погрешни идеи биле широко распространети, а најприфатени биле идеите на лекарот Гален, Грк по потекло, кој работел како лекар во Рим во текот на 2 век од нашата ера. Галеновото мислење дека крвта се создава во црниот дроб и дека нас пламенот што гори во срцето не одржува во живот се само две теории кои не се менувале со векови. Така било до времето на ренесансата, кога почнале проучувањата врз научна основа и кога биле отркиени некои вистини за човечкото тело. Идеите на фламанскиот лекар Андерац Весалиус (1514-1546), кој ги објавил првите прецизни илустарции за анатомоијата на човечкото тело го означиле почетокот на новите сознанија. Во овој век се појавувале нови откритија. Во 1628 година Вилијам Харви докажал дека крвта кружи во организмот, во 1775 година францускиот хемичар Антоан Лавоазје открил дека клетките го користат кислородот како гориво; британскиот хирург Вилијам Боуман прв ја опишал функцијата и структурата на бубрезите во 1842 година; хромозомите се откриени во почетокот на 20 век. Така, делчињата на човечката сложувалка постепено дошле на своето место. Како што минувал 20 век, така се зголемувале сознанијата за човечкото тело, а тоа пак незадржливо продолжило и во 21 век.
Човечкото тело денес
Во земјите во кои постојат соодветно снабдување со храна и основни хигиенски услови просечното човечко тело е повисоко и подолговечно отколку што било во претходните векови. Со подоброто запознавање на здравјето и телесните функции луѓето учат да се зачуваат во добра состојба во текот на својот животен век. Иако денес луѓето се склони да живеат во седечка положба, сме смислиле начини да ги задоволиме телесните потреби за вообичаена физичка активност. Многу заедници нудат широк избор на спортови и направи за вежбање; некои луѓе уживаат во проверувањето на неверојатните можности на човечкото тело кога се работи за физичкото усовршување. Границите на издржливост на организмот постојано се поместуваат. Секоја година атлетичарите, гимнастичарите и другите спортисти постигнуваат нови рекорди во брзина, сила и издржливост. Тие достигнувања покажуваат дека телото има можности за зголемување на моќта на белите дробови, подобра работа на срцето, посилни мускули и поголема еластичност. Денес телото е под наша контрола и на друг начин. Ако не сме задоволни од својот изглед, на располагање ни стои цела индустрија посветена на тоа телото да изгледа повито, попривлечно или помладо. Можеме да влијаеме дури и на својата плодност, притоа имајќи можност да избереме дали сакаме да имаме деца или не. Истовремено, можеме да ги зголемиме своите можности за создавање нов живот.
Слабости на човечкото тело
Иако организмот има вграден успешен систем за борба против болестите, одвреме-навреме му е потребна помош. Огромниот опсег на лекови, што се достапни во развиениот свет, обезбедуваат непроценлива заштита и често можат да се излекуваат од болести кои ги создавале природни механизми на одбрана. Современата медицина искоренила или ограничила многу болести, како што се малите сипаници или детската парализа, од кои умирале милиони луѓе во целиот свет. Исто така, кога некои органи се заболени, оштетени или истрошени, може да се заменат некои делови на телото, како срцето, црниот дроб и зглобовите. И покрај овие големи предности, човечкото тело се уште е ранливо. Старите закани можеби се надвладеани, но постојано се соочуваме со нови, а некои од нив дури се создадени со наша рака. Во сите богати општества се зголемува бројот на заболувањата предизвикани од неправилна исхрана и физичка неактивност. Синтетизираме хемикалии за да спречиме некои болести во синџирот на исхрана и да го забрзаме производството на храна, но некои од тие хемикалии постопено го трујат нашиот организам. Се оценува дека загадувањето во некои области е еден од факторите што влијае на зголемувањето на бројот на заболените од рак и раѓањето нездрави деца. Инфективните микроорганизми станаа отпорни на лековите и многу поопасни од порано. Новите болести, како сидата и сарсот (тежок акутен респираторен синдром), се само некои од болестите на кои немаме природна отпорност на организмот. Со развојот на меѓународниот сообраќај, болестите, порано ограничени на мали области, се пренесуваат до нови области само за неколку часови.
Современи откритија
Денес лекарите можат, без отварање на телото, да ги видат неговите најскриени делови. Повеќе децении за набљудување на телото се применуваат техники со кои не се добива потполна слика. Многу години X-зраците, откриени во 1895 година, биле единствен начин да се види внатрешноста на телото без хируршки зафат, а ги покажуваат само тврдите ткива, главно коските. Поновите визуелни техники како што се компјутерската томографија и магнетната резонанца овозможуваат гледање на меките ткива, како што се мускулите и забележување на органите со празнини. Исто така, е можно набљудување на дејствувањето на ткивата за да се види како работи органот. Уште една современа техника е ултразвукот кој користи звучни бранови и е безопасен за набљудување на бебињата во празнината на матката. Голем напредок донесе ултразвукот 4-Д со прикажувањето подвижни слики. Шупливите органи често се испитуваат едноскопски, така што инструментот во облик на оптички тубус се внесува низ природните отвори како што се устата и анусот.Еден од највузбудлибите пронајдоци е елетронскиот микроскоп што се користи за испитување примероци од ткива до најситни детали. Тој има илјадници пати поголема можност за зголемување на сликата од оптичкиот микроскоп што го олеснува проучувањето на внатрешниот состав на клетките на организмот.
Литература
Голема илустрирана енциклопедија ‘’ЧОВЕК’’- (Dorling Kindersley Limited,London ‘’HUMAN’’ 2004).