ПРЕРАНА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА

                           ВО АТЛЕТИКАТА

 


Огнен Павловски
Бр. Индекс 4544


Вовед

Сведоци сме дека сениорскиот спорт во Македонија не е на некое високо ниво, додека во пионерските и до некаде во младинските категории состојбата е прилично поразлична. Многумина кои го следат спортот, ќе кажат дека во сениорска конкуренција изостануваат добрите резултати поради недостаток на материјални и економски услови. Тоа е еден од главните предуслови за врвен резултат, но и со тие услови што ги поседуваме, можеме да постигнуваме и многу подобри резултати во сениорска конкуренција, доколку тренинзите ги водат добро едуцирани и амбициозни тренери кои имаат широки познавања во повеќе области од спортот. Како еден од главните проблеми за големата разлика помеѓу младите спортисти и сениорите во нивните постигнувања на меѓународен план е и прераната специјализација односно преран почеток со специјален тренинг за одредена дисциплина во некој спорт. Ова најлесно може да се забележи во индивидуалните спортови, односно во спортовите каде што натпреварувачите не само со нивните противници се натпреваруваат и со времето.

Прерана специјализација е поим кој означува воведување на децата и адолесцентите во напреден тренажен процес со цел психофизичките способности  да се подигнат на многу повисоко ниво, за да се постигнат врвни спортски резултати.


Периодизација на тренингот

Тудор О.  Бомпа еден од најголемите светски експерти во оваа област, јасно укажува на потребата од системски, постапно и општо (сеопфатно) развивање на спортистите како неопходен пат кој треба да се помине, за да се постигнат врвни резултати. Според тоа, Бомпа има направено и периодизација на тренингот, кој го има поделено на два големи периоди, а од секој од тие периоди, произлегуваат уште по два подпериоди.

 

Оваа поделба важи скоро за сите спортови, но возраста за почеток на општ развој и специјализација е различна. Така на пример во уметничкото лизгање, пливање, скокови во вода, ритмичка гимнастика и некои слични спортови каде што е потребна флексибилност, координација и брзина на изведување на поедини движења, општиот развој трае од 6-9години, специјализацијата од 10-12години, додека врвни резултати можат да се постигнуваат после 13 годишна возраст. За разлика од овие спортови каде што треба порано да се започне со општиот развој и специјализацијата, постојат и спортови каде се започнува нешто покасно. Такви спортови се атлетските дисциплини: фрлање ѓуле, трчање на средни и долги патеки, скијачко трчање, велосипедизам, борење и други спортови каде доаѓаат до израз силата и издржливоста. Што значи дека прво се развиваат, флексибилноста, рамнотежата, координацијата, па потоа, брзината, а последни се развиваат силата и издржливоста. Неизбежно е да се запази овој редослед на развивање на поедините моторни способности за да се постигнат врвни спортски резултати.

Почетокот на општиот и специјализираниот тренинг зависи и од биолошката возраст во однос на хронолошката возраст. Така некои деца можат да имаат напредна, а други не толку напредна биолошка возраст. Од големо значење е тоа да го забележи тренерот и според тоа да направи соодветен план за тренинг.


Периодизација на тренингот во атлетиката

Во атлетиката не може да се направи општа периодизација на тренингот, затоа што атлетиката е составена од повеќе специфични дисциплини, во кои до израз доаѓаат различни моторни способности. Со самото тоа што во секоја дисциплина преовладува различна моторичка способност, неминовно е за секоја дисциплина  да се направи и посебна периодизација на тренингот, односно на која возраст треба да се започне со општ тренинг, а на која возраст со специјализиран тренинг. Атлетиката е поделена на: тркачки дисциплини, скокачки дисциплини и фрлачки дисциплини.

-Во тркачките дисциплини спаѓаат: трчање на кратки, средни и долги патеки, како и трчање преку пречки. Бидејќи кај децата се развиваат   флексибилноста, координацијата и брзината, а подоцна издржливоста,логично е прво да почнат со општ тренинг идните тркачи на кратки патеки и трчање преку пречки. Во трчањето преку пречки многу важен дел е и чувството за ритам, кој најдобро се развива во периодот помеѓу 9-12 година, што значи дека во тој период, преку општиот тренинг треба посебно внимание да се посвети и на развивањето на чувството за ритам.

-Во скокачки дисциплини спаѓаат: скок во далечина, височина, трискок и скок со стап. Во сите скокачки дисциплини од пресудно значење е флексибилноста, координацијата, брзината кои се развиваат порано и експлозивната сила која се развива подоцна.

-Во фрлачките дисциплини спаѓаат: фрлање на ѓуле, диск, копје и фрлање на кладиво. Во фрлачките дисциплини претежно главна улога има силата и експлозивната сила. Затоа што силата и експлозивната сила се развиваат покасно и тренингот за идните „фрлачи“ треба да започне при крајот на пубертетот.

Специјализација во атлетските дисциплини (Бомпа 2000год.)

Атлетска дисциплина

Возраст во која треба да се започне со тренирање

Возраст во која треба  да се започне со специјализација

Возраст во која се очекуваат врвни резултати

Спринт

10-12

14-16

22-26>

Трчање на средни патеки

13-14

16-17

22-26>

Трчање на долги патеки

14-16

17-19

25-18>

Скокачки дисциплини

12-14

16-18

22-25>

Фрлачки дисциплини

14-15

17-19

23-27>


Причини за прерана специјализација во атлетиката

Постојат повеќе причини поради кои се доаѓа до прерана специјализација. Но како главни причини се немањето на соодветен план за развој на атлетиката, посебно за зголемување на бројот на натпревари за најмладите, додека другата причина е недоволната стручна подготовка на тренерите. Се надевам дека за ова второто не сум во право и дека проблемите се административни и можат да се решат преку правење на стратегија за развој на атлетскиот спорт.

Доколку проблемот е во недоволната стручна подготовка на тренерите, тогаш се работи за голем проблем, за кој ќе се потребни многу години, за барем малку да се почувствува напредок во македонската атлетика. Дали проблемот е во тренерите тешко е да се утврди, затоа што не постојат стручни консултации помеѓу тренерите и размена на нивните знаења или некоја поконкретна соработка со спортските научни институции од државата, а ретко кој од атлетските тренери во Македонија има извршено некое стручно или научно истражување или објавено труд од каде што ќе можат да се извлечат одредени заклучоци кои ќе придонесат во подобрувањето на тренажниот процес и постивнување подобри спортски резултати.

Од пред 2 години покрај државните првенства за пионери, млади младинци и сениори,започна да се одржува и државно првенство за млади пионери до 13години. Оваа одлука на федерацијата со задоволство ја прифатија голем дел од клубовите во Македонија, како неопходен потег за развој на атлетиката. Тоа што има натпревари за млади пионери до 13 години е добро за атлетиката, но тука е направена и една голема грешка, со тоа што секој атлетичар има право на настап само на две дисциплини. Наместо тоа натпреварување да биде како повеќе бој, за да ги поттикне тренерите сестрано да ги развиваат своите атлетичари, со овој натпревар само уште толку се продлабочува еден од најголемите проблеми во македонската атлетика, а тоа е прераната специјализација.

Исто така и системот на натпреварувања е една од причините за прерана специјализација на атлетичарите. Затоа што нема доволно натпревари за млади пионери, пионери и млади младинци, а децата да не бидат со само еден до два натпревари во текот на една година,тренерите им дозволуваат на атлетичарите да се натпреваруваат во повозрасните категории. Но тоа не е толку голем проблем. Најголем проблем претставува тоа што на куп натпреварите (младинска конкуренција до 19години и сениорска конкуренција), кои се клучни за финансирање на клубовите, имаат право да настапуваат и атлетичари кои спаѓаат во помлади категории. Поради тоа за подобар пласман на клубот, тренерите ја прескокнуваат фазата на сестран тренинг и почнуваат да ги специјализираат атлетичарите за една одредена дисциплина, за да можат да придонесат за подобар пласман на клубот.

Секој атлетичар се гордее со настапите за репрезентацијата, но треба да се оневозможи настап во репрезентација на пионерите кои се помлади од 15 години.  Додека во репрезентацијата неретко се случува и атлетичари од 13-14 годишна возраст да настапуваат за младинската па и за сениорската репрезентација. А тоа е уште една причина за прерана специјализација.


Последици од прераната специјализација во атлетиката

Секој атлетичар тежнее кон тоа да биде најдобар, да постигнува врвни резултати. Исто така и тренерите сакаат нивните спортисти да се врвни. Покрај генетскиот потенцијал најважен предуслов за постигнување на тие врвни резултати е тренингот. Во желбата да се победи, да се биде најдобар многу од атлетичарите и тренерите прават грешки во тренирањето. Така на пример атлетичарот од самиот почеток со тренирање сака да победува и да биде најдобар во својата конкуренција, додека тренерот сака да го истакне своето знаење. Наместо да се започне со општ и сеопфатен тренинг, се почнува со специјализација на една одредена дисциплина, за да може атлетичарот да биде најдобар и да освојува медали на натпреварите. Со тоа атлетичарот ќе добие поголема желба за тренирање, и како што ќе напредува, неговиот тренер ќе го зголеми интензитетот и обемот на тренирање. Со ваков вид на тренинг ќе се напредува многу брзо, а со тоа ќе бидат задоволни и атлетичарот и тренерот. Но тој резултатски напредок ќе трае прилично кратко, само 2-3 години, а после тоа како резултат на  воведување во тренажен процес кој не е соодветен со возраста, настанува заостанивање во напредокот на резултатите. Кога постепено ќе започне да се намалува  резултатскиот напредокот, атлетичарот и тренерот бараат нови начни како да се продолжи напредокот. Најчесто излезот од резултатската криза се бара во уште понапорни тренинзи. Со тоа најчесто се доаѓа до претренираност и до повреди. После одреден период кога атлетичарот ќе види дека нема напредок ќе ја загуби желбата и мотивот за тренирање, а така неговата кариера ќе заврши уште на самиот почеток, на 17-18 годишна возраст.

Споредба помеѓу рана специјализација и општиот развој (Бомпа 2000г.).

Рана специјализација

Општ развој

Брз напредок:

-Најдобрите резултати се постигнуваат на возраст од 15-16 год.

 

-Нестабилност на натпреварите.

 

-Околу 18 година голем број од спортистите го напуштаат спортот.

 

-Подложни се на повреди поради присилното прилагодување.

Бавен напредок:

-Најдобрите резултати се постигнуваат после 18 годишна возраст,односно во време на телесна и психолошка зрелост.

 

-Стабилност на натпреварите.

 

-Долготрајно активно спортување.

 

 

-Помал број на повреди

 

 


 

 

 

 

 

 

 

 


Заклучок

Тренингот на младите атлетичари од повеќе причини треба да зазема посебно место во спортската подготовка, затоа што тој тренинг е клучен за понатамошниот развој на атлетичарот. Поради тоа потребно е повеќегодишно, планско и систематско развивање на секоја моторичка способност. Со таков континуиран развој ќе се минимизираат можностите за повреда и застој во спортскиот развој, а со тоа максимално ќе се искористат можностите на атлетичарот.

 

Литература

Gajić, V. (1970). Bacanje kugle. Jugoslovenski zavez organizacija za fizičku kulturu.

Gajić, M (1985). Osnovi motorike čoveka. Fakultet fizičke kulture, Univerziteta u Novom Sadu.

Dick, F. (1980). Trening vrhunskih atletičara. Partizan, Beograd.

IAAF. New studies in Athletic 2-3 September 1996.

Marinković, A. (1980). Atletika za najmlađe.

Međunarodni znanstveno-stručni skup, Kondicijska priprema sportaša, Zagrebački velesajam, Zabreb 21 i 22 Veljače, 2003.

Milanović, L., Jukić, I., Nakić, J., i Custonja, Z. Kondicijskih trening za mlađih dobnih skupina. str. 54.

Tončev, I. (1991). Atletika, tehnika za obučavanje. Fakultet fizičke kulture, Univerziteta u Novom Sadu.

Тројачанец, З. (1992). Основи на физиологијата на спортот. Медис - Скопје.