ФИЗИЧКИОТ РАЗВОЈ НА ДЕЦАТА ОД

5-12 ГОДИШНА ВОЗРАСТ

 

        

 


Катерина Половска
Бр. Индекс 5806

  

 

                 Училишната возраст е време на постојан раст и развој. Физичката активност за време на развојната фаза ги зацврстува фундаменталните вештини потребни за водење на здрав и активен живот како возрасен. Овие вештини вклучуваат, но не се ограничени на агилност, рамнотежа, координација и издржливост. Учењето и развојот на овие способности исто така има извонредно влијание на детската самодоверба, која исто така овозможува постојано чувство на успешност и независност.

                 Децата од 6-12 години почнуваат да одат на училиште со што се менува и дотогашната севкупна активност. Промените што се случуваат во растот на телото се евидентни. Кај децата на возраст од 7-11 години се одвива рамномерен телесен развој со годишен прираст на телесната висина од 5-6 цм и на телесната маса од 2-3 килограми. Телото на децата расте со бавен но стабилен тренд. Поголемите мускули растат побргу од помалите. Поради забрзаниот раст, зголеменото физичко оптеретување може да биде потенцијална опасност за повреди на зглобниот и на коскениот апарат. Во мирување срцевата фрекфенција е околу 105 удари во минута, а се зголемува и до 210 удари во минута при интензивни напрегања. Детскиот метаболизам е 20-30 пати побрз во споредба со возрасните. Деловите на телото стануваат се поефикасни во нивната функција со што се создаваат услови за многу софистицирани и вешти движења кај децата. Моторичкиот развој е карактеристичен со високи достигнувања и овој период е наречен ‘’златен период на моториката. Во овој период постои стремеж кон максимален развој на координацијата (снаодливост) и кон највештите изведби на научените движења. Кај децата се појавува движечки вишок ‘’движечки луксуз и присуство на непотребни движења во спонатана движечка активност која егзистира и до 5 години во оваа возраст. Се сретнуваат хиперкинетички деца кои играат по цел ден, но има и деца што немаат интерес за движење. Во почетокот на овој возрасен период кај децата веќе треба добро да се дефинирани природните форми на движење (одење, трчање, скокање, фрлање, фаќање, удирање, качување) кои претставуваат основа за подобрување на моторичките перфоманси. Моторната контрола, координацијата и рамнотежата се видно подобрени во оваа возрасна група.

 

    Физички развој на 5-6 годишна возраст

-          добиваат по 2-3 кг годишно,

-           растат околу 8 цм годишно,

-          покажуваат одредена латерализираност (десноракост, леворакост),

-           бојат помеѓу линии,

-          Умеат да си го напишат името

-          умеат да закопчуваат копчиња и патенти самостојно

-          можат да фаќаат и фрлаат топка со средна големина на растојание од 1.5 м

-          се служат со опрема на игралиште самостојно, како што се лулашки или клацкалици

-          развиваат доволно мускулна координација за качување, пливање или возење скирол

 

    Физички развој на 7-8 годишници

-          забрзано добиваат во тежина

-          спијат до 11 часа во текот на ноќта

-          почнуваат да возат велосипед без помошни тркалца

-          користат ножици за сечење на комплексни форми

-          почнуваат да им растат трајни заби

-          подобрување на координацијата око-рака

-          можат да фрлаат и да фаќаат тениско топче

 

 

7 години

8 години

9 години

10 години

11 години

12 години

Рамнотежа

 

 

+

++

+

 

Издржливост

+

+

+

+

+

+

Сила

 

+

+

+

+

++

Брзина

++

++

++

++

++

++

                   Сензитивни периоди во развојот на моторичките способности (Д.Мартин, 1981)
 

 

 

Машки (8 год.)

Машки (12 год.)

Женски (8 год.)

Женски (12 год.)

Телесна висина (цм)

129,2

150,5

128,3

152,3

Телесна маса (кг)

27,1

41,1

26,6

43,2

Скок во далечина од место (цм)

132

163

129

160

Трчање за 12 мин. (мин)

1873

2290

1765

2003

Лежи-седи за 20 сек. (рпт)

33

45

32

42

                       
           
     Антропометриски мерки и моторички постигнувања кај децата (8-12 год.)

                 За развој на моторните способности, треба да се применуваат различни модели на движења, кои вклучуваат координација и рамнотежа. Качувањето и висењето како активности се многу полезни за зајакнување на горниот дел на телото. Треба секогаш да се создава простор за индивидуално подучување на децата.

                   Интересот на децата за спорт почнува силно да се развива и затоа децата треба да се стимулираат да вежбаат и да им се овозможи да учествуваат во спортот. Моторичките способности и кондицијата треба да се оптимални (не максимални), да се стимулираат со цел сестрано развивање на моторичките капацитети кои ќе бидат во функција на растот и развојот на децата од оваа возрасна група.

                Специјализираните моторички вештини почнуваат да се развиваат и да се прочистуваат кон крајот на овој возрасен период. Со секојдневна употреба на движечките капацитети на децата треба да им се овозможи да поминат од општата движечка фаза во специфична фаза за некоја избрана спортска дисциплина. Во овој период започнуваат стресот и колебањето за точноста на формите на движењата и вештините. Тренингот за брзина треба да започне околу 7мата до 8мата година пред нервниот систем да ја достигне комплетната матурација, бидејќи тој се уште е ‘’послушен. Треба да се вежбаат спринтови на куси растојанија, со силни забрзувања низ повторувања со оптимални периоди на одмор помеѓу повторувањата на вежбите. Брзината во сите појавни форми силно се подобрува во периодот помеѓу 7мата и 10тата година, а врвот на капацитетите за подобрување на брзината се достигнува приближно во 10тата година од животот. Периодот помеѓу 7мата и 12тата година е особено погоден за брзината на движењата. Силовите способности во оваа возраст  се стимулираат со динамички вежби изведени со сопствена телесна маса и со дозирани надворешни оптоварувања. Ваквите вежби треба пред се да бидат стимул за растот и развојот на децата. Децата како и адолесцентите можат  безбедно да вежбаат со тежини. Поради нивната се уште незавршена матурација оптоварувањата до 80% од 1 пм за нив се безбедни и не носат ризик на повредување. Ваквите вежби со 6-8 повторувања ги стимулираат растот на коските и равојот на зглобовите. Подобрувањето на силината во оваа возраст е најмногу резултат на невралната адаптација од порастот на активните моторни единици. Анаеробниот капацитет на децата од предпубертетската возраст е за половина помал во споредба со оној на возрасните и кај 11 годиншните деца изнесува 35 мл кислород/кг. Децата на оваа возраст имаат помала максимална концентрација на лактати во крвта, 6.7 mmol/L во 6тата година во споредба со возрасните (10 mmol/L). Моторичките способности се манифестираат комплексно и условно нема строга поделба на силината, брзината и координацијата, односно тие на некој начин меѓусебно се надополнуваат и си помагаат во реализацијата на движечката задача. Кон крајот на овој возрасен период започнува диференцирањето на моторичките способности иако кај девојчињата манифестирање на експлозивната силина се манифестира уште во 8мата година. Претходниот период (до 7години) обезбедува научување на многу движења кои што создаваат индивидуални разлики помеѓу децата. Овие разлики во квалитетот на изведбата на движењата може да станат индивидуални одбележја во наредниот возрасен период и имаат основа во индивидуалните предиспозиции.

                      Од особена важност е односот на родителите кон физичкиот развој на децата. Ако детето покажува интерес за одреден спорт или активност, потребно е да се вклучи во организирана или рекреативна група. Тимските спортови се одличен начин за подобрување на агилноста или координацијата. Шетање или возење велосипед во најблискиот парк, како и  фрлање топка наоколу. Зимата е извонредно време да се остане активен: скијањето може да ја подобри рамнотежата, издржливоста, агилноста, но има и евтини начини за забавување во зима исто така. Тие вклучуваат одење по снег, правење снешко, правење замоци и правење свежни топки.

                  Исто така, општеството преку усвојување на соодветни препораки, наменети особено за родителите, придонесува за поддршка на одредени модели на однесување. На пр. Министертвото за здравство на Владата на Австралија усвоила документ „Насоки за физичка активност и неактивно однесување“, кој се однесува на деца од 5-12 години (освен во случаи кога физичката активност е контраиндицирана или постојат ризици кај децата со специјални потреби или поради постоење на хронична и акутна состојба).Насоките се однесуваат на сите деца од 5-12 год без разлика на културните разлики, полот, социјалниот статус и способностите. Во него се препорачува „физичката активност да се врши на што повеќе можни начини како што се активен транспорт, активна игра, организирани и неорганизирани спортски активности, игри, физичка едукација и др активности, дома, во училиште и во заедницата. Ова е како дополнување на рутинските активности акумулирани во секојдневието“. Образложението е дека „Физичките активности го подобруваат кардиометаболното здравје, составот на телото, мускулното здравје, аспекти на менталното здравје, и општата благосостојба и кардиореспираторен фитнес. Потенцијалната корист значително ги надминува потенцијалните ризици поврзани со физичката активност. Поголема количина на физичка активност-зачестеност, траење и/или интензитет се поврзани со дополнителна здравствена корист за децата. Постојат докази дека користа за кардиометаболното и мусулното скелетно здравје се поврзани со активности најмалку 3 пати неделно. Сите физички активности треба да бидат безбедни и соодветни на возраста и развојот на детето. За тие што не се доволно активни соодветно е постепено да го зголемуваат нивото на активност за да ги исполнат препораките“.

                  Понатаму, се потенцира дека „седечкиот начин на живот треба да биде ограничен, најмногу што може, дома, во училиште или во заедницата и кога се патува особено со намалување на употребата на електронските алатки, седење пред екран за забава. Согласно со насоките да се минимизира седечкото однесување, кое може да доведе до намалување од ризикот од негативно влијание на телесниот состав, кардиореспираторен и мускуло-скелетен фитнес, аспекти на менталното здравје и благосостојба, како и учењето во училиште и социјалното однесување. Помалку поминато време во седење е подобро“.

Насоките за физичка активност и седечко однесување во документот „Насоки за физичка активност и неактивно однесување“ се:

,,Физичка активност

-          Во корист на здравјето, децата од 5-12 години треба да поминуваат најмалку 60 мин. во умерена до интензивна физичка активност секој ден.

-          Физичката активност на детето треба да вклучува различни аеробни активности, вклучувајќи и поинтензивна активност

-          Најмалку 3 пати неделно децата треба да се вклучуваат во активности кои ги зацврстуваат мускулите и коските, за да се постигне дополнителна здравствена корист децата треба да бидат вклучени во повеќе активности до 7 часа дневно

Седечко однесување

За да се намалат здравствените ризици, децата од 5-12 години треба да го минимизираат времето кое го поминуваат во седење секој ден. За да се постигне ова:

-          Треба да се намали употребата на електронски медиуми за забава (пр. телевизија, електронски игри и употреба на компјутер) на не повеќе од 2 часа дневно

-          Да се прекинат долгите периоди на седење секогаш кога е можно“

 

          Вредно е да се напомене дека и во нашата земја постојат организирани форми (клубови, школи), кои активно го поддржуваат развојот на децата од оваа возрасна група. Универзалната спортска школа, која работи во рамките на Полициски боречки клуб „Безбедност“, е наменета за деца од 5-12 години, од машки и женски пол, без разлика на својето почетно ниво. Првенствено е фокусирана на мултидимензионален психофизички развој, врз чија основа можат да се создаваат идни врвни спортисти, бидејќи преку конципираната форма во раните фази на развој, се стекнуваат бројни моторни способности и знаења на различни спортски техники, кои подоцна овозможуваат успешна спортска специјализација. Содржината на програмата, се базира на рамнотежа меѓу усвојувањето на моторните знаења и развој на моторните способности преку нивна интеракција со другите аспекти на севкупниот развој на децата. Во програмата на Универзалната спортска школа се: елементарни и штафетни игри, спортски игри (кошарка, фудбал, ракомет, одбојка), полигони, пливање и др.

 

           Во иднина, се очекува уште поголема поддршка од надлежните институции, кои преку донесување на законски и подзаконски акти кои ја регулираат оваа материја, уште поактивно ќе се вклучат во развивање и зачувување на здравјето на најмладите, кои се основа за развој на работоспособното население.


 

 

Литература

Јовановски, Ј. (2013). Антропомоторика. Скопје: Јован Јовановски.

 Physical Development in School-Age Children. Web page: www. Aboutkidshealth.ca.

Fact Sheet: Children (5-12 years). Australian Government, Department of Health.