МЕХАНИЧКО ДЕЈСТВО НА МУСКУЛИТЕ ВО ЛОКОМОТОРНИОТ СИСТЕМ
 

Од особено значење за биомеханичката анализа е дефинирањето на механичкото дејство на мускулната сила во локомоторниот систем. За да може мускулната сила векторски да се прикаже, треба да се одредат видовите на мускули и нивните мускулни споеви на коските со што ќе се овозможуви утврдување на елементите од векторот. Мускулната сила претставува резултанта од сите нејзини компоненти и дејствува со одреден интензитет (јачина) и правец во одредена нападна точка и насока. Векторот како ориентирана големина е дефинирана со четири елементи. Интензитетот на мускулната сила се одредува со должината на векторот А – Б. Испрекинатата линија на која лежи векторот претставува нападна линија или правец, а точката А нападна точка со која се манифестира мускулното дејство. Со точката Б која е прикажана во вид на стрелка се определува насоката на дадениот правец.



 

Интензитетот (јачината, големината) на мускулната сила, кој е одреден со должината на векторот, директно е зависен од површината на физиолошкиот пресек на мускулот. Оваа површина претставува збир на попречните пресеци на секое мускулно влакно. Интензитетот на мускулната сила изразен во единица њутни (N), на сантиметар квадратен изнесува 60-140 N или просечно околу 100 N.Оваа не е иста за различни мускули од ист организам, а исто така се разликува и кај исти мускули од различни лица во зависност од нивната конситуција и тренираност.

Нападната линија (правец) на мускулната сила се поклопува со резултантата од дејството на сите мускулни влакна. Кај различните видови на скелетни мускули таа се одредува различно во зависност од формата на мускулот.

Нападната точка на мускулната сила се одредува во центарот на подвижниот мускулен спој, кој може да биде централен или периферен.

Насоката на мускулната сила се дефинира од подвижниот кон неподвижниот мускулен спој.